АНВИС/ХУД - софистициран систем за безбедно летање во ноќни услови

 

Сериозните безбедносни проблеми со кои пилотите се соочуваат при изведување на ноќни летови на мала височина со употреба на очила за ноќно гледање доведоа до развој на специфични техники на летање кои во основа се темелат врз поделба на конфликтните задолженијата помеѓу пилотот и копилотот, што едноставно кажано всушност значи дека едниот пилот ја превзема обврската низ очилата за ноќно гледање постојано да гледа надвор од кокпитот и да управува со леталото додека другиот пилот го концентрира својот поглед и сето свое внимание во внатрешноста на кокпитот каде ја следи работата на инструментите. Ваквиот начин на изведување на ноќни летови на мала височина со употреба на очила за ноќно гледање ја наметнува потребата од врвна обученост, координираност и меѓусебна безрезервна доверба на екипажот, услови кои дури и да бидат исполнети, од низа објективни и субјективни причини, не можат да гарантираат врвна безбедност во летањето. Од тие причини, а согласно искуствата стекнати за време на операцијата “пустинска луња” (Оператион Десерт Сторм), се наметна потребата од сосема нов приод во зголемувањето на безбедноста на ноќните летови на мала височина со употреба на очила за ноќно гледање.

Потребата за пронаоѓање на прифатливо решение кое би резултирало со намалување на големото работното оптоварување на пилотите а воедно во голем дел би ги неутрализирало опасностите карактеристични за ноќно летање со употреба на очила за ноќно гледање, ја предизвика иницијалната побуда која беше неопходна за создавање на системот АНВИС/ХУД (ANVIS/HUD – Aviator’s Night-Vision Imaging System Heads-Up Display) кој, означен од страна на Армијата на САД како АН/АВС-7 (AN/AVS-7), всушност претставува понатамошно подобрување на очилата за ноќно гледање АН/АВС-6 (AN/AVS-6) кои и припаѓаат на технолошката генерација “три”, а со кои, патем речено, од 2001 година е опремено и македонското Воено Воздухопловство. Системот АНВИС/ХУД всушност претставува спој на очила за ноќно гледање (АН/АВС-6, АН/АВС-9 или било кои други стандардни очила за ноќно гледање) и на електро-оптички дисплеј кој, поставен на еден од двата монокулари (левиот или десниот), во видното поле на пилотот проектира визуелна слика (симбологија) која ги содржи сите неопходни информации кои му се потребни на пилотот за да управува со леталото, без притоа да има потреба да гледа во внатрешноста на кокпитот. На тој начин конечно беше пронајдено решение кое на пилотите кои изведуваат ноќни летови на мала височина со употреба на очила за ноќно гледање им овозможуваше симултан увид во надворешното опкружување и во информациите добиени од сензорите со кои е опремено леталото. Дека се работи за уникатен и извонреден систем доволно сведочи и податокот според кој со системот АНВИС/ХУД до денес се опремени над 4.300 хеликоптери ширум светот.

Појавата на системот АНВИС/ХУД означи нова ера во ноќното летање на мала височина со употреба на очила за ноќно гледање, ера во која пропорционално со зголемувањето на безбедноста на летањето дојде до револуционерно намалување на работното оптоварување на пилотите. Имено, со употребата на системот АНВИС/ХУД, значително беше намалена потребата на пилотот да ја движи главата и очите (беше елиминирана или значително редуцирана потребата од фрекевентно набљудување на внатрешноста на кокпитот), односно движењето на главата остана неопходно потребно единствено заради континуирано “скенирање” на надворешното опкружување. Паралелно со значителното намалување на потребата од движењето на главата, со системот АНВИС/ХУД беше постигнато и значително “релаксирање” на очите на пилотот, кој гледајќи во надворешната сцена истовремено гледа и во симбологијата која е лоцирана во центарот на видното поле на очилата за ноќно гледање. Дополнително, можноста за оптичко подесување на очилата за ноќно гледање и на електро-оптичкиот дисплеј овозможи да се избегне појавата на замор кај окото што дополнително допринесе за пријатна употреба на системот од страна на пилотот. Во пракса, електро-оптичкиот дисплеј кој ја прикажува симбологијата го зголемува видното поле на пилотот од причина што при употреба на системот АНВИС/ХУД очилата за ноќно гледање се поставуваат поблиску до очите бидејќи со постоењето на симбологијата се губи потребата на пилотот да гледа во внатрешноста на кокпитот односно да ја подига главата благо наназад за да може визуелно да ја набљудува внатрешноста на кокпитот.

Системот АНВИС/ХУД работи на тој начин што најнапред врши “собирање” на информациите добиени од сензорите со кои е опремено леталото во таканаречената Единица за конвертирање на сигналните податоци (SDCU - Signal Data Convertor Unit) која уште се именува како конвертор или компјутер. Вака добиените податоци компјутерот ги процесира и ги конвертира во дигитални сигнали кои потоа преку Единицата за контрола на конверторот (CCU - Convertor Control Unit) се доставуваат до два (еден за пилотот и еден за копилотот) електро-оптички дисплеи (HDU - Helmet-mounted Display Unit) кои добиените дигитални сигнали ги трансформираат во соодветна симбологија која се проектира во центарот на видното поле на очилата за ноќно гледање.
Електро-оптичкиот дисплеј со кој е опремен системот АНВИС/ХУД ги прикажува сите информации кои му се неопходни на пилотот за безбедно управување со леталото во сите фази од летот, при што со базичната конфигурација на симбологијата во видното поле на пилотот се проектира информација за височината, брзината, курсот, перформансите на погонската група, отказите на одредени системи,... Аналогната симбологија се користи во оние случаи кога сличноста со кокпитските летачки инструменти (како што е примерот со вештачкиот хоризонт) е поприфатлива и полесно разбирлива за пилотот отколку соодветната дигитална интерпретација. Дополнително, пилотот е во состојба согласно своите потреби и проценки да изврши уфрлување или исфрлување на некои елементи од симбологијата. За таа цел тој на располагање има можност за селекција и прикажување на осум различни комбинации на симбологија, програмирани на земја согласно потребите на корисникот на системот АНВИС/ХУД. На тој начин е обезбедено ефективно ”покривање” со симбологија на повеќе фази од летот на хеликоптерот (полетување, слетување, лебдење,...). Вклучувањето и исклучувањето на системот АНВИС/ХУД, селекцијата на одредена конфигурација на симбологија како и контролата на осветленоста на електро-оптичкиот дисплеј се врши со помош на прекинувач кој е поставен на колективната палка, со што е избегната потребата пилотот да ги отргнува рацете од контролите за летање.

 

 

 

 

Примена на АНВИС/ХУД при летање во услови на дневна светлина

 

Воодушевени од придобивките на системот АНВИС/ХУД при изведување на ноќни летови на мала височина со употреба на очила за ноќно гледање, корисниците на споменатиот систем, односно пилотите на воени хеликоптери и нивните единици побараа од своите претпоставени команди ноќните бенифиции на системот да им станат достапни и во услови на дневна светлина. Тоа доведе до иницирање на процес за развој на дополнителен дневен електро-оптички дисплеј кој веќе се наоѓа во оперативна употреба и се користи на тој начин што се фиксира за заштитната кацига на пилотот/копилотот на истото она место на кое се прикачуваат и очилата за ноќно гледање. Дневниот дисплеј се приклучува за системот преку истиот конектор кој служи и за приклучување на ноќниот дисплеј, а истотака го користи истиот софтевер, ја прикажува истата симбологија, и се командува од истиот прекинувач на колективната палка.

 

 

Како и во случајот со ноќниот дисплеј, така и при користењето на дневниот електро-оптички дисплеј, пилотот е во состојба многу побргу да одговори на сите предизвици и вонредни ситуации, благодарение токму на неговиот симултан увид во надворешното опкружување и во информациите добиени од сензорите со кои е опремено леталото. Осветлувањето на симбологијата кај дневниот дисплеј може да се контролира односно да варира од прилагоденост кон максимална дневна светлина (карактеристична за летови над пустина или површини покриени со снег) па се до светлина при која нормално започнуваат да се користат очилата за ноќно гледање.


Лична карта на компанијата “Елбит системс”

 

Израелската компанија “Елбит системс” претставува една од неколкуте водечки светски компании за производство на електронски системи за воена апликација. Компанијата е создадена во 1996 година со распадот на над три децении старата израелска компанија “Елбит лимитед” (Elbit Ltd). Седиштето на “Елбит системс” се наоѓа во градот Хаифа од каде се координираат сите активности на компанијата која вообичаено нуди интегрирани високософистицирани решенија кои се базираат врз нејзините можности самостојно да обезбеди високотехнолошки производи и системи. Уникатноста на “Елбит системс” се крие во работната сила која претставува збир на поранешни офицери на израелските вооружени сили, чие реално воено искуство мудро се вградува во системите кои ги произведува компанијата.
Специјалност на компанијата “Елбит системс” е модернизацијата на летала од Западно и од Источно производство. Дејствувајќи во таа насока, компанијата на потенцијалните клиенти им нуди најразлични програми за модернизација на борбени и повеќенаменски хеликоптери, при што понудата вообичаено е насочена кон подобрување на функционалните и борбените можности на леталото како дел од аранжмани кои подразбираат и можност за испорака на најсовремени технологии и системи. Токму поради тоа, компанијата “Елбит системс” е позната како една од ретките компании која на светскиот пазар на оружје и воена техника нуди целосни и долготрајни решенија.

Бизнис стратегијата на “Елбит системс” се потпира врз принципот на “врзување” со локалната индустрија на земјите со кои е остварена перспективна соработка. Во таа насока, компанијата веќе има потпишано низа договори за соработка со воено-индустриски концерни од Соединетите Американски Држави, од Европа и од Јужна Америка, при што намерата е да се изгради база за долготрајна и блиска соработка како основа за понатамошен меѓународен растеж на компанијата. За подобро објаснување на бизнис стратегијата на “Елбит системс” може да послужи примерот од 1993 година кога споменатата компанијата од американскиот гигант “Xенерал дајнамикс” (General Dynamics) го купи центарот за производство на електроника лоциран во градот Форт Ворт, Тексас. Токму тој центар, под контрола на Израелците и под името “ЕФВ Инц.” (EFW Inc.) прерасна во еден од најавторитетните произведувачи и добавувачи на високософистицирана технологија за потребите на вооружените сили на Соединетите Американски Држави и на нив блиските сојузници.

Според достапните сознанија, остварениот приход на компанијата “Елбит системс” заклучно со 31 декември 2004 година изнесува 940 милиони американски долари, при што огромни 94% отпаѓаат на ангажмани на компанијата во реализација на проекти за воена апликација. Вкупниот имот на компанијата (вклучително и имотот лоциран надвор од територијата на Израел) се проценува на околу 948 милони американски долари. Во овој момент, компанијата “Елбит системс” има околу 5.200 вработени од кои импозантни 51% отпаѓаат на научници, инженери и софтвер-специјалисти, 29% на производствени работници и 20% на луѓе вработени во маркетинг, продажба и администрација.

 

Идните планови на Македонија за сорабтока со “Елбит системс”

 

Сето погоре споменато говори дека македонското Министерство за одбрана е во соработка со светски докажана компанија која согласно превземените обврски веќе ја комплетираше првата фаза од модернизацијата на четирите македонски армиски хеликоптери. Задоволни од успешното комплетирање на иницијално потпиешаниот договор, македонското Министерство за одбрана и “Елбит системс” во моментов се многу блиску до потпиешување на нов договор за многу посеопфатна (втора фаза) модернизација на шест хеликоптери на македонското Воено Воздухопловство. Со новата модернизација ќе бидат опфатени двата повеќенаменски хеликоптери Ми-17 кои веќе беа инволвирани во првата фаза од модернизацијата како и четири досега немодернизирани борбени хеликоптери од типот Ми-24В. Дополнителната модернизација на хеликоптерите Ми-17 ќе подразбира нивно опремување со нови и современи комуникациски, идентификациски и навигациски системи, мултифунскционални колор дисплеи и дигитално-генерирана подвижна мапа.

 

 

Како додаток на веќе опишаната втора фаза за модернизирање на хеликоптерите Ми-17, дополнителните четири борбени хеликоптери Ми-24 ќе бидат опремени и со АНВИС/ХУД системи, современи системи за самозаштита, како и со трета генерација жиро-стабилизиран сензорски систем (опремен со ТВ камера, сензор за термовизиско гледање во предната полусфера-ФЛИР, ласерски мерач на делечини и одбележувач на цели) кој ќе биде интегриран со нишанскиот систем во заштитната кацига на пилотот, како и со мултифункционалните дисплеи и дигитално-генерираната подвижна мапа.

Со комплетирањето на првата фаза од модернизацијата на четирите македонски хеликоптери, како и со успешното заокружување на планираната втора фаза за модернизација на дополнителни шест летала, Армијата на Република Македонија ќе биде за уште еден чекор поблиску до стандардите на НАТО, најмоќната воено-политичка алијанса во историјата на човештвото.
 

aутор текста: Игор Божиновски

фото: МИА - Македонска Информативна Агенција

 

"web" обрада: Дејан Вукмировић

AIRSERBIA 2005

 

претходна страна

 

Copyright © AirSerbia 2002-2005. All rights reserved.
Slike i tekstovi sa ovog sajta se ne mogu kopirati i koristiti u bilo kom smislu bez dozvole vlasnika.
Photos or any textual material from this site cannot be copied or used in any manner without permission of it's rightful owners.
webmastering & webdesign:
VUK