почетна страна

БУРЕН РАСТЕЖ НА НАЦИОНАЛНАТА ГОРДОСТ

 

aвтор: Игор Божиновски

 

11 години на македонско ВВ

 


Период на стагнација

 

 

Огнено крштевање на македонското ВВ

Период на стагнација

 

По укинувањето на ембаргото за увоз на оружје и воена опрема, во Република Македонија настапи период на големи ветувања за опремување на македонското воено воздухопловство со нови авиони и хеликоптери. Сеуште се свежи сеќавањата за најавеното опремување со четири чешки школско-борбени авиони од типот Л-39 Албатрос, нешто што поранешниот командант на македонското воено воздухопловство, Миле Манолев, го најави во текот на 1996 година. До купувањето на школско-борбени авиони од чешко производство не дојде поради недостаток на финансиски средства. Во текот на јули 1998 година, како дел од извонредната воено-техничка соработка, Република Турција на Македонија и понуди донација на 20 борбени авиони од типот F-5A/B Freedom Fighter. Со оглед дека неопходната модернизација на овие борбени авиони беше прескапа за Македонија, оваа донација не беше реализирана. На 24 декември 1999 година, македонските медиуми ја најавија можноста Република Бугарија на Македонија да и подари 12 борбени авиони од типот МиГ-21бис и 12 борбени хеликоптери од типот Ми-24Д. Но, поради “истрошеноста” на ресурсите кај понудените летала, Македонија ја одби и оваа донација. Најсериозната понуда за опремување на македонското воено воздухопловство со нова техника дојде во текот на 2000 година кога СР Германија понуди донација на 16 лесни хеликоптери од типот Bo-105. Се работеше за четири тренажни хеликоптери од типот Bo-105CB, осум против-оклопни хеликоптери од типот Bo-105P и четири извидувачки хеликоптери од типот Bo-105M. Во пакет со споменатите хеликоптери СР Германија понуди и донација на неколку лесни повеќенаменски хеликоптери од типот UH-1D Huey. Сеуште не се познати причините поради кои оваа донација не беше реализирана. Во текот на 2000 година се појавија и новински информации според кои Македонија преговарала со Украина околу набавка на една ескадрила борбени хеликоптери од типот Ми-24 во пакет со купување на неколку транспортни хеликоптери од типот Ми-8. Но за жал, и покрај големиот број најави за опремување на македонското воено воздухопловство со нови летала, следуваше период на неколкугодишна стагнација, период во кој се постави и прашањето за оправданоста од постоење на воено воздухопловство во состав на Армијата на Република Македонија. Не помина долго, а одговорот на тоа прашање се наметна сам по себе.
 

На прагот на војната

 

За време на нападите на НАТО врз Сојузна Република Југославија, во 1999 година, македонското воено воздухопловство беше активно вклучено во набљудување на проблематичните граници со Република Албанија и со СР Југославија. Паралелно со тоа македонското воено воздухопловство беше вклучено и во изведување на голем број хуманитарни мисии за дотур на вода, храна и медицинска помош до камповите кои беа исполнети со бегалци од Косово. За време на Косовската криза македонското воено воздухопловство загуби едно летало. На 7 април 1999 година, за време на тренажна мисија, поради проблеми со моторот, во близина на акумалацијата Мантово се сруши авион од типот Злин 242Л. При тоа пилотот беше сериозно повреден но за среќа подоцна успешно заздраве и им се врати на своите секојдневни задачи.

По повлекувањето на југословенските безбедносни сили од јужната српска провинција Косово и по влегувањето на силите на НАТО на Косово, Обединетите Нации решија да ја разоружаат таканаречената Ослободителна Војска на Косово (ОВК). Но, наместо да се разоружа, ОВК сокри големи количества на оружје и воена опрема чекајќи го моментот кога требаше да започне со реализација на својата следна цел: “чистење” на Косово од неалбанската популација и борба против “окупаторите на албанските територии” во јужна Србија и во Македонија. Реализацијата на следните фази од сонот за создавање на Голема Албанија (или Големо Косово) започна веќе во пролетта 2000 година кога албанските терористи започнаа со напади врз полициски патроли, полициски станици и контролни пунктови во јужна Србија.

 Наредната 2001 година албанските терористи на сличен начин ја започнаа и војната во Република Македонија. Сите овие настани јасно покажаа дека најголем дел од официјално распуштената ОВК останал активен во форма на две нови радикални терористички организации: таканаречената Ослободителна Војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац (ОВПМБ) која дејствуваше во јужна Србија и таканаречената Ослободителна Национална Армија (ОНА) која дејствуваше на територијата на Република Македонија.

Вооружените судири кои во Македонија избија на почетокот на 2001 година беа проследени со големи човечки загуби како резултат на нагазните мини кои албанските терористи ги поставуваа насекаде. Тоа го отвори прашањето за можноста комплетниот транспорт на луѓе, оружје, воена опрема и храна во зоните на воени дејствија да се врши со хеликоптерите на македонското военото воздухопловство. Со оглед дека во тие моменти воздухопловството поседуваше само четири транспортни хеликоптери од типот Ми-17, опремувањето со дополнителен број транспортни хеликоптери се наметна како врвен приоритет за Армијата на Република Македонија. Опремувањето со транспортни хеликоптери беше олеснето со донацијата на четири транспортно-борбени хеликоптери од типот Ми-8МТ од Украина и два лесни повеќенаменски хеликоптери од типот UH-1H Huey од Грција.

 

 

Грција и донираше на Македонија два лесни повеќенаменски хеликоптери UH-1H Huey

 

(фото Игор Божиновски)

 

Развојот и ширењето на конфликтот ја потврди и долго време повторуваната потреба од опремување на македонското воено воздухопловство со борбени хеликоптери и авиони способни да ги поддржуваат дејствијата на копнените сили од воздух. За таа цел беа купени десет хеликоптери од типот Ми-24В и четири јуришни борбени авиони од типот Су-25.

 

 

Су-25 со целокупното расположиво оружје. Забележи ја Р-60 воздух-воздух ракетата под крилото

 

(фото МИА виа Игор Божиновски)

 

Истовремено со земја-воздух ракетни системи од типот Игла-1 и Стрела-10М беа зајакнати и силите за противвоздушна одбрана.

 

 

Стрела 10М е најмодерниот ПВО систем на Македонската Армија

 

(фото Илија Бојаровски виа Игор Божиновски)

 

следното: Огнено крштевање на македонското ВВ

 

 

Copyright © Igor Bozinovski

obrada © Dejan Vukmirovic

AirSerbia 2003.

Copyright © AirSerbia 2002-2003. All rights reserved.
Slike i tekstovi sa ovog sajta se ne mogu kopirati i koristiti u bilo kom smislu bez dozvole vlasnika.
Photos or any textual material from this site cannot be copied or used in any manner without permission of it's rightful owners.
webmastering & webdesign: Dejan Vukmirovic