![]() |
|||
|
БУРЕН РАСТЕЖ НА НАЦИОНАЛНАТА ГОРДОСТ |
|||
|
aвтор: Игор Божиновски |
|||
|
|
По завршувањето на Втората Светска војна, Македонија стана составен дел на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Југословенската Народна Армија (ЈНА), како вооружена сила на југословенската федерација, го користеше аеродромот Петровец, во близината на Скопје, како база на военото воздухопловство и противвоздушната одбрана. Пред самиот распад на југословенската федерација, аеродромот Петровец беше седиште на 98. авијациска бригада на југословенското воено воздухопловство во чиј состав се наоѓаа три ескадрили: 241. ловечко-бомбардерска авијациска ескадрила опремена со јуришни авиони од типот Ј-22 Орао, 247. ловечко-бомбардерска авијациска ескадрила опремена со јуришни авиони од типот Ј-21 Јастреб и 354. извидувачка авијациска ескадрила опремена со извидувачки
авиони од типот ИЈ-21 Јастреб. Во тоа време Петровец беше седиште и на неколку лесни повеќенаменски хеликоптери од типот СА.341Х Газела-ХЕРА како и на неколку клипни авиони од типот УТВА-66. Своевремено, воздухопловната база Петровец беше од големо значење за одбраната на јужните делови на поранешна Југославија од потенцијалните непријатели: Варшавскиот договор олицетворен во Народна Република Бугарија на исток и НАТО пактот, со чија членка Република Грција, СФР Југославија се граничеше на југ. Токму од тие причини воздухопловната база Петровец беше добро заштитена со мобилни земја-воздух ракетни системи од типот 9М9 Куб како и со стационарни земја-воздух ракетни системи од типот С-125 Нева. |
||
|
ЈНА си заминува од Македонија
Резултатите добиени на референдумот, кој се одржа на 8 септември 1991. година, ја потврдија слободната воља на граѓаните на Република Македонија, земјата во иднина да биде конституирана како суверена, самостојна, граѓанска и демократска држава. На 17 ноември 1991 година, Собранието на Република Македонија го изгласа и новиот Устав во согласност со кој вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката. Последниот чекор кон целосното осамостојување на Република Македонија беше направен на 21 фебруари 1992 година кога првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, и претставниците на Југословенската Народна Армија потпишаа договор со кој оваа вооружена сила се обврза да ја напушти Македонија најдоцна до 15 април 1992 година. Југословенската Народна Армија го комплетираше своето повлекување пред предвидениот рок и последниот војник на, тогаш веќе туѓата војска, ја напушти Република Македонија на 26 март 1992 година. Напуштајќи ја Република Македонија, единиците на Југословенската Народна Армија со себе го понесоа сето вооружување, техничко-материјалните средства и опремата што формациски им припаѓаа. Повлекувајќи се на север кон Република Србија и Република Црна Гора, Југословенската Народна Армија меѓу другото од Македонија повлече и над 35 летала кои дотогаш како матична база го користеа воениот аеродром Петровец. Како за пример, 241. ловечко бомбардерска авијациска ескадрила, која до 1992 година беше базирана на аеродромот Петровец, денес е дел од 98. ловечко бомбардерски авијациски полк на воено воздухопловство на Федерацијата на Србија и на Црна Гора, и како матична база ја користи воздухопловната база Лаѓевци, во близината на градот Краљево, Република Србија.
10 јуни 1992 година
Непосредно по избувнувањето на воените судири на територијата на Хрватска и на Босна и Херцеговина, Советот за безбедност на Обединетите Нации едногласно донесе резолуција со која под ембарго за увоз и извоз на оружје и воена опрема беа ставени сите републики на поранешната југословенска федерација. Постојното ембарго за увоз на оружје и воена опрема ја спречи Република Македонија да пристапи кон посериозно опремување на македонското воено воздухопловство со нови летала. Со цел да го одржи во кондиција високостручниот и професионален пилотски кадар на македонското воено воздухопловство, Армијата на Република Македонија од Воздухопловниот Сојуз на Македонија изнајми еден авион од типот УТВА-66 и четири авиони од типот УТВА-75. На 10 јуни 1992 година, полковникот Миле Манолев, тогашен Командант на македонското воено воздухопловство, и Ѓорѓи Чачкиров, тогашен Генерален Секретар на Воздухопловниот Сојуз на Македонија, со авион од типот УТВА-75 полетаа од воздухопловната база Петровец во првиот историски лет за македонското воено воздухопловство. Од тие причини 10 јуни се слави како ден на македонското воено воздухопловство и противвоздушната одбрана.
|
По двете големи авионски несреќи кои и се случија на Република Македонија во 1993 година, а во кои загинаа 197 лица, опремувањето на македонското воено воздухопловство со хеликоптери, кои ќе можат да се користат од службите за итна медицинска помош, се наметна како врвен приоритет за нашата земја. И покрај постојното ембарго за увоз на оружје и воена опрема, македонското воено воздухопловство во 1994 година успеа да се опреми со четири транспортни хеликоптери од типот Ми-17. Иницијално сите хеликоптерите беа обоени со бела боја, поради што многу граѓани на Македонија ги поистоветуваа со хеликоптерите на УНПРЕДЕП, мисија на Обединетите Нации која во тој период бесе присутна во земјата. Во 1996 година, Советот за Безбедност на Обединетите Нации препорача иземање на Македонија и на Словенија од ембаргото за увоз и извоз на оружје и воена опрема. Набргу потоа, сите четири хеликоптери од типот Ми-17 од составот на македонското воено воздухопловство беа обоени во извонредно ефективна маскирна шема. Денес македонското воено воздухопловство сеуште поседува три хеликоптери од типот Ми-17 кои најчесто се користат за транспорт на луѓе и опрема, итна медицинска помош и за гаснење на шумски пожари. За остварување на последната намена, македонските хеликоптери од типот Ми-17 се опремени со канадски ведра за вода со капацитет од 2.000 и 2.500 литри.
Како средство за основна обука и за регуларен тренинг на пилотите, македонското воено воздухопловство од 1995 година го користи двоседниот тренажен авион Злин 242Л. Во текот на 1995 година од Чешката Република беа купени четири авиони од овој тип. Опремувањето на македонското воено воздухопловство со авиони од типот Злин 242Л беше проследено со заслужено “пензионирање” на авионите УТВА-66 и УТВА-75. Авионот Злин 242Л е погоден за основна обука на пилоти, акробатско, навигационо, инструментално и ноќно летање, летање во формација и борбени маневри. Авионот Злин 242Л за прв пат и беше презентиран на македонската јавност за време на големиот воздухопловен митинг кој на 28 јули 1998 година се одржа на аеродромот Стенковец, во близината на Скопје.
следното: Период на стагнација / на прагот на војната
Copyright © Igor Bozinovski obrada © Dejan Vukmirovic AirSerbia 2003. |
||
Copyright © AirSerbia
2002-2003. All rights reserved.
Slike i tekstovi sa ovog sajta se ne mogu kopirati i koristiti u bilo kom smislu
bez dozvole vlasnika.
Photos or any textual material from this site cannot be copied or used in any
manner without permission of it's rightful owners.
webmastering & webdesign: Dejan Vukmirovic