![]() |
||
|
автор: Игор Божиновски |
||
|
По неколкумесечни преговори и усогласувања, на 14 март 2003 година, Европската унија и НАТО го финализираа Договорот за безбедност, согласно кој Алијансата им дозволи на силите на Европската унија да ја преземат од НАТО мисијата во Република Македонија. Договорот, потпишан од генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Папандреу, за време на дводневниот состанок на министрите за одбрана на Европската Унија во Атина, меѓудругото предвидува и размена на доверливи информации меѓу двете организации, како и пристап на Унијата до капацитетите за планирање и логистика на НАТО.
|
||
|
Само неколку дена откако генералниот секретар на НАТО објави дека Алијансата се согласила да им дозволи на силите на Европската унија да ја преземат мисијата Сојузничка хармонија, македонскиот претседател Борис Трајковски, во Брисел, на шефот за безбедност на Европската унија, Хавиер Солана, му ја предаде официјалната покана за распоредување на трупи на Европската унија на територијата на Република Македонија. На 18 март 2003 година, министрите за надворешни работи на Европската унија дадоа конечно одобрение за отпочнување на првата историска воена мисија на Европската унија. Македонскиот Парламент, на 26 март 2003 година, го ратификуваше Договорот меѓу Македонија и Европската унија за статусот на евросилите во земјава. Собранието на Република Македонија, со 88 гласа за и ниту еден глас против, го донесе Законот за ратификација на Договорот меѓу Република Македонија и Европската унија за статусот на евросилите во земјата, со што и формално им беше отворен патот на европските војници.
На 1 април 2003 година, силите на
Европската унија ја преземаа од Северноатлантската алијанса мисијата во
Република Македонија, чија првенствена цел е да даде придонес во
стабилизирањето на состојбата во земјата по воениот конфликт во 2001 година.
Мисијата на Европската унија во Македонија е прва воена мисија во рамките на
заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија,
претставува прва можност за промоција на силите на Унијата, а воедно е и дел
од пошироката заложба на Европската унија кон Република Македонија, особено
кон отварањето на патот за нејзино приближување до европските структури
преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Задолженијата на Конкордија се исти како досегашните задачи на НАТО мисијата Сојузничка харомонија, а тоа се обезбедување на мониторинг тимовите на ОСЦЕ и на Европската унија во вршењето на стабилизирачкиот фактор во некогашните кризни региони во Република Македонија. Во таа смисла, и досегашните мисии на НАТО: Неопходна жетва, Килибарна лисица и Сојузничка хармонија беа, пред се, израз на поддршката и заложбата на Североатланската Алијансата за мир, стабилност и безбедност во Македонија и во регионот.
Со предавањето на мисијата на
НАТО на силите на Европските унија, Европа навлегува во нова фаза на
реализацијата на европската безбедност, одбранбен идентитет и политика -
изјави македонскиот претседател Борис Трајковски на свечената церемонија на
преземање на мисијата на НАТО од страна на Евросилите. Пристигнувањето на
силите на Европската унија во Македонија, според Трајковски, ги симболизира
следниве три работи: поддршката на напорите на македонските власти за
зајакнување на капацитетите на државата, а со цел Македонија да биде во
позиција самостојно да си обезбеди траен мир и безбедност, довербата што
Македонија ја има во Европската унија и амбицијата на земјата да воспостави
поблиски односи со Европската унија во сите области. Нашата амбиција е
полноправно членство во Унијата. На оваа мисија и на нашите заеднички напори
за зајакнување на стабилноста гледам како на чекор напред во таа насока. Што
поприсутна е Европската унија во Македонија, толку поприсутна ќе биде и
Македонија во Европската унија - нагласи претседателот. Македонскиот
претседател уште рече дека следните шест месеци претставуваат времена рамка
потребна за внимателно реализирање на следниве македонски приоритети:
зајакнување на владеењето на правото низ целата територија на Република
Македонија, справувањето со безбедносите ризици и со изворите на
нестабилност, но и зголемувањето на капацитетот на македонските институции
во заштитата и унапредувањето на владеењето на правото и почитувањето на
човековите права и слободи. |
Со предавањето на мисијата од
НАТО на Европската Унија, се отвора ново поглавје во европската безбедност.
Со преземањето на својата прва воена мисија, Европската унија покажува дека
нејзиниот проект за европската безбедносна и одбранбена политика созреал.
Засновано врз новите институционални врски со НАТО, Европската унија сега
може уште поефектно да ги покаже сите свои политички, економски и воени
алатки - изјави генералниот секретар на Северноатлантската алијанса Џорџ
Робертсон на свечената церемонија. Досега одлуките поврзани со НАТО мисијата во Македонија ги носеше Северноатлантскиот совет и тие се проследуваа до врховиот командант за Европа, кој ги испраќаше до шефот на јужното крило на НАТО. Неговите одлуки го спроведуваше командантот на соодветната мисија во Македонија. Отсега, улогата на Северноатлантскиот совет ја презема Советот на Европската унија, кој наредбите ќе ги проследува до главниот командант на евросилите. Тој истовремено е заменик на врховниот командант на НАТО за Европа. Бидејќи системот на командување кај силите на Европската унија е идентичен со оној на НАТО, наредбите потоа продолжуваат до надлежниот за јужниот регион, кој е заменик на командантот на јужното крило на НАТО. Последниот во командната хиерархија е директниот командант на евросилите во Македонија. Просто кажано, главен командант на воената мисија на Европската Унија во Македонија е германскиот адмирал Рајнер Феист, кој е заменик-командант на силите на НАТО во Европа. Седиштето на главната команда останува во Монс во военото седиште на НАТО, а оперативен командант на мисијата Конкордија ќе биде францускиот генерал Пјер Марал, чие седиште е во Скопје. Мисијата Конкордија е продолжение на претходните три мисии на НАТО во Република Македонија, кои беа воспоставени од почетокот на вооружениот конфликт во државава во февруари 2001 година. Повеќе од 3.000 војници на Алијансата учествуваа во првата мисија наречена Неопходна жетва, што ја преводеше Велика Британија, а чија цел беше да се собере доброволно предаденото оружје од припадниците на вооружените терористички формации во Република Македонија. Неопходна жетва беше заменета со мисијата Килибарна лисица, предводена од Германија, а подоцна од Холандија, чии 780 војници имаа задача да ја надгледуваат имплементацијата на Охридскиот мировен договор и да ја осигураат безбедноста на меѓународните набљудувачи на Европската унија и на ОСЦЕ. Мисијата на НАТО во Македонија продолжи под називот Сојузничка хармонија, чиј мандат беше неколку пати продолжуван, а која имаше пред се советодавен и оперативен карактер. НАТО ќе остане симболично присутен во Република Македонија и во иднина, пред се како логистика на силите на КФОР на Косово но воедно и преку своја советодавна единица ќе продолжи да им дава поддршка на напорите на македонските власти за забрзување на одбранбениот и реформскиот процес, што ќе и помогне на Македонија во нејзините аспирации за полноправно членство во НАТО. На операцијата во Македонија, предводена од Европската Унија, се гледа како на клучен тест за решеноста и подготвеноста на Унијата за две мошне важни задачи кои се планираат во Брисел. Првата е намерата на Европската унија во наредните неколку месеци да ги формира своите сили за брза реакција, кои според плановите треба да бројат околу 60 иљади војници и да имаат хуманитарен карактер. Втора работа е преземањето на воената мисија на НАТО во Босна и Херцеговина и тоа уште следната година. Политичките аналитичари се согласуваат дека тоа ќе биде голем залак за Европската унија, имајќи предвид дека во мисијата во Босна и Херцеговина се ангажирани околу 12.000 војници на НАТО.
Copyright © IgorBozinovski obrada © Dejan Vukmirovic AirSerbia 2003.
|
|
|
|
||
|
Copyright © AirSerbia
2002-2003. All rights reserved. |
||