почетна страна

ПОДЕМОТ И ПАДОТ НА ИРАЧКАТА ВОЗДУХОПЛОВНА МОЌ

Ирачко ВВ 1974-2003

српска верзија

aвтор: Игор Божиновски

 

Создавањето на ирачка држава

Британците си заминуваат од Ирак

Арапско-израелски војни

Подемот и падот на ирачката воздухопловна моќ

Ирачко-иранска војна (1980-1988)

Крај на ирачката воена доминација


Крај на ирачката воена доминација

Кратко време по завршувањето на ирачко-иранска војна, Садам Хусеин ја поведе својата земја во нова воена “авантура”. Имено, на 2 август 1990 година, гломазната ирачка воена машинерија ја окупираше малата арапска држава Кувајт. За време на воените операции за завземање на Кувајт, ирачаните загубија 39 летала, загуба која ја компензираа со запленување на 8 кувајтски борбени авиони од типот Mirage F1BK/CK. Паралелно со дипломатските напори за окончување на окупацијата на Кувајт, меѓународната заедница интензивно се подготвуваше за евентуална воена операција против ирачките сили, нешто што стана сосема реално откако Ирак со своите постапки отворено ја демонстрираше решеноста да го задржи Кувајт под своја контрола.

Инспектори на Обединетите Нации (UN) пред ирачки хеликоптер од типот Ми-8TБ

(photo: AirForces Monthly)

Во пресрет на воената конфронтација со меѓународната заедница, Ирак, во светски рамки, го поседуваше шестото (6) по големина воздухопловство кое во тој момент имаше на располагање над 650 борбени авиони и околу 500 хеликоптери, од кои најмалку 120 беа во состојба да изведуваат борбени дејствија. На ваквите капацитети на Садам Хусеин им се спротивставија 2.614 сојузнички летала, кои војната за ослободување на Кувајт ја започнаа на 17 јануари 1991 година.

За време на операцијата Desert Storm во 375 бетонски засолништа беа уништени 141 летала. На сликата се остатоци од авиони од типот Pilatus PC-9

 (photo: AirInternational)

 

За време на операцијата Desert Storm, која траеше само 43 денови, сојузничките воздухоплови изведоа 109.876 авио-полетувања, при што во борбени дејствија беа загубени 38 борбени авиони и 5 хеликоптери, најголемиот дел од нив како резултат на дејствијата на ирачката противвоздушна одбрана. Имено, супериорната сојузничка авијација за многу кратко време го неутрализираше и го доведе на работ на уништување ирачкото воено воздухопловство, кое, во директен судир со сојузниците, загуби 193 летала (36 соборени, 141 уништени на земја додека биле во некој од вкупно 375 уништени бетонски засолништа и 16 уништени или запленети при повлекувањето на ирачаните од Кувајт). Соочен со големите губитоци на ирачкото воено воздухопловство, Садам Хусеин, на големо изненадување на светската јавност, донесе хазардерска одлука 137 ирачки авиони да прелетаат “на безбедно” во соседен Иран.

Денес Ирак веке не поседува транспортни авиони од типот Ил-76. Слика од добрите стари времиња

(photo: Johal Ljungdahl)

На тој начин ирачкото воено воздухопловство остана покусо за: 12 борбени авиони МиГ-23, 7 борбени авиони МиГ-25, 4 борбени авиони МиГ-29, 24 борбени авиони Mirage F1, 4 јуришни авиони Sу-20, 40 јуришни авиони Су-22, 7 јуришни авиони Sу-25, сите 24 фронтовски бомбардери Sу-24 и сите 15 авиони Ил-76 (вклучително и два Ил-76МД од ирачката AWACS-модификација Adnan). Со оглед на фактот што Иран никогаш не ги врати ирачките авиони, а воедно добар дел од тие летала денес се оперативни во состав на иранското воено воздухопловство, слободно може да се заклучи дека вкупните загуби на ирачкото воено воздухопловство за време на Заливската војна изнесуваат 330 летала! Неславниот впечаток за ирачкото воено воздухопловство го надополнува и фактот што за време на воениот судир тоа успеа да собори само еден американски борбен авион од типот F/A-18C Hornet, победа која му се припишува на ловец-пресретнувач од типот МиГ-25П.

За разлика од ирачкото воено воздухопловство, авијацијата на ирачката копнена војска, за време на Заливската војна, претрпе минимални загуби, што на Садам Хусеин му овозможи активно да ја искористи оваа компонента на ирачките вооружени сили во операциите за запирање на неуспешните вооружени востанија кои, во пролетта 1991 година, избија во северниот и во јузниот дел на Ирак. При тоа, авијацијата на ирачката копнена војска, користејќи ги авионите Pilatus PC-7 и Pilatus PC-9, како и хеликоптерите Bo 105, Ми-8 и Ми-24/25, во неколку наврати, во текот на март 1991 година, со употреба на хемиско и на биолошко оружје дејствуваше врз курдските бунтовници, на северот од земјата.

Ваквите нехумани операции на ирачката армија беа санкционирани од Обединетите Нации (United Nations), кои авторизираа воведување на таканаречени “зони за забрането летање”, кои за Ирак значеа и сеуште значат

забрана за пристап и контрола врз сопствениот воздушен простор кој се протега северно од 36 паралела и јужно од 33 паралела.

(photo: AirForces Monthly, obrada Mavro)

Како резултат на долгогодишното меѓународно ембарго за оружје и воена опрема, драстичниот недостатокот на резервни делови и тешките оштетувања на инфраструктурата, оперативната готовност на ирачките воздухопловни сили, на почетокот на 2003 година, беше на многу ниско ниво. Ваквите проценки ги потврдуваат и многубројните аналитички извештаи на западните разузнавачки служби, според кои, на почетокот на 2003 година, ирачкото воено воздухопловство поседувало околу 250 борбени авиони, од кои само 80 биле оперативни. Истовремено во составот на авијацијата на ирачката копнена војска се наоѓале околу 250 хеликоптери, од кои околу 60 биле во состојба да изведуваат борбени дејствија. Сето ова јасно говори дека воздухопловната моќ на Ирак денес не претставува сериозна закана за вооружените сили на САД (USA) и на Велика Британија, кои, патем речено, во никој случај не смеат да ги потценат можностите на ирачките воздухопловни сили да дејствуваат со хемиско и биолошко оружје.

 

Проценките говорат дека Ирак сеуште поседува околу 40 противоклопни хеликоптери Gazelle

(photo: The Encyclopedia of 20th Century Air Warfare)

 

 

Copyright © Igor Bozinovski

AirSerbia 2003.

Copyright © AirSerbia 2002-2003. All rights reserved.
Slike i tekstovi sa ovog sajta se ne mogu kopirati i koristiti u bilo kom smislu bez dozvole vlasnika.
Photos or any textual material from this site cannot be copied or used in any manner without permission of it's rightful owners.
webmastering & webdesign: Dejan Vukmirovic