почетна страна

ПОДЕМОТ И ПАДОТ НА ИРАЧКАТА ВОЗДУХОПЛОВНА МОЌ

Ирачко ВВ 1974-2003

српска верзија

aвтор: Игор Божиновски

 

Создавањето на ирачка држава

Британците си заминуваат од Ирак

Арапско-израелски војни

Подемот и падот на ирачката воздухопловна моќ

Ирачко-иранска војна (1980-1988)

Крај на ирачката воена доминација


Паралелно со активното учество во арапско-израелските војни и со постојаните воени судири со курдските бунтовници на северот од земјата, властите во Багдад продолжија непрекинато да ги обновуваат и модернизираат своите вооружени сили, како резултат на што, на почетокот на осумдесетите години на минатото столетие, Ирак прерасна во регионална воена сила со застрашувачки воени капацитети кои енормно ги надминуваа реалните потреби на оваа арабска земја. Трансформацијата на Ирак од британски протекторат во регионална воена сила беше процес кој сесрдно го потпомогна и го спонзорираше Советскиот Сојуз. Само за илустрација, во периодот меѓу 1958 и 1974 година, Советскиот Сојуз на Ирак му испорача воена помош во вредност од околу 1,6 милијарди американски долари. Советско-ирачката воена соработка дополнително беше интензивирана откако двете земји, во 1972 година, потпишаа договор за 20 годишно пријателство и соработка.

Во согласност со превземените обврски, Советскиот Сојуз, во периодот меѓу 1975 и 1981 година, на ирачкото воено воздухопловство му испорача: над 60 ловци-пресретнувачи МиГ-23МС, над 70 ловци-бомбардери МиГ-23БН, двоседи тренажери МиГ-23УМ, 25 ловци-пресретнувачи МиГ-25П и неколку двоседи МиГ-25ПУ, 80 јуришни авиони Су-20, како и 38 транспортни авиони од типот Ил-76. Истовремено, на авијацијата на ирачката копнена војска и беа испорачани: 30 хеликоптери Ми-2 (произведени во Полска), 3 хеликоптери-кранови Ми-10 и над 40 борбени хеликоптери од типот Ми-24Д/Ми-25.

Хеликоптерот Ми-24Д е најмокниот борбен хеликоптер во состав на авијацијата на ирачката копнена војска

(photo: AirForces Monthly)


Но, и покрај инзвонредно тесната советско-ирачка воена соработка, учеството на Советскиот Сојуз во процесот на вооружување на Ирак бележеше постојано опаѓање и од завидните 95 проценти во 1972 година се спушти на “само” 63 проценти во 1979 година. Ваквата сосотојба беше резултат на ирачкото инсистирање, Багдад, меѓудругото, самостојно да одлучува и за изворите на сопствено снабдување со оружје и воена опрема. Подобрувањето на ирачко-француските политички односи, во текот на седумдесетите години на минатото столетие, најдобро го искористија ирачките генерали кои веднаш иницираа опремување на ирачките вооружени сили со софистицирани и атрактивни производи на францускиот воено-индустриски комплекс. Големината на ирачко-француската воена соработка најдобро може да се илустрира со фактот што во текот на осумдесетите години на минатото столетие, Република Франција стана еден од доминантните снабдувачи на Ирак со оружје и воена опрема, при што го освои оној дел од ирачкиот воен буџет кој до 1975 година беше ексклузивна “сопственост” на Советскиот Сојуз. Имено, приоритет на ирачко-француската воена соработка беше модернизирањето и доопремувањето на ирачкото воено воздухопловство и на авијацијата на ирачката копнена војска.

Така во периодот меѓу 1978 и 1987 година на ирачкото воено воздухопловство му беа испорачани 113 борбени авиони од типот Mirage F1, и тоа 60 ловци-пресретнувачи Mirage F1EQ, 38 ловци-бомбардери Mirage F1EQ-5/6 и 15 двоседи-тренажери Mirage F1BQ.

Во пакет со ловците-бомбардери Mirage F1EQ-5/6, на ирачаните им беа испорачани и 400 противбродски ракети од типот AM39 Exocet и 200 ласерски наведувани воздух-земја ракети од типот AS.30L. Дополнително, во споменатиот период, французите на авијацијата на ирачката копнена војска и испорачаа: 16 хеликоптери од типот SA 321H Super Frelon опремени со противбродски ракети од типот AM39 Exocet, потоа 81 хеликоптери SA 341H/SA 342L Gazelle во пакет со 9.000 противтенковски ракети од типот HOT, како и 22 транспортни хеликоптери од типот SA 330F Puma.

Ирачки транспортен хеликоптери од типот SA 330F Puma на аеродромот “Sadam Husein” во Багдад

(photo: AirForces Monthly)

За задоволување на потребите за школување на ирачките воени пилоти, Багдад, во втората половина на седумдесетите години на минатото столетие, нарача сериско производство на 48 италијанско/швајцарски школски авиони AS 202 Bravo,

За обука на своите воени пилоти Ирак ги користи школските авиони AS 202 Bravo (photo: AirForces Monthly)

 52 швајцарски школско-тренажни авиони Pilatus PC-7 и 81 млазни тренажно-борбени авиони од типот L-39 Albatros (22 L-39C i 59 L-39ZO). Во тој период, авијацијата на ирачката копнена војска беше засилена и со 6 италијански транспортни хеликоптери Agusta-Sikorsky AS-61A-4.

Во меѓувреме, Багдад, со помош на врвни експерти од Советскиот Сојуз, од земјите членки на Варшавскиот договор и од Куба, успеа за многу краток временски период да изгради солиден систем за противвоздушна одбрана во чиј состав влезе и ловечката авијација на ирачкото воено воздухопловство. Ирачкиот систем за противвоздушна одбрана не е тема на ова пишување, но ќе биде детално обработен во друга прилика.

Ирачко-иранска војна (1980-1988)

 

 

Copyright © Igor Bozinovski

AirSerbia 2003.

Copyright © AirSerbia 2002-2003. All rights reserved.
Slike i tekstovi sa ovog sajta se ne mogu kopirati i koristiti u bilo kom smislu bez dozvole vlasnika.
Photos or any textual material from this site cannot be copied or used in any manner without permission of it's rightful owners.
webmastering & webdesign: Dejan Vukmirovic