почетна страна

РАСТЕЖОТ НА ИРАЧКАТА ВОЗДУХОПЛОВНА МОЌ

Ирачко ВВ 1931-1973

српска верзија

aвтор: Игор Божиновски

 
Создавањето на ирачка држава

Британците си заминуваат од Ирак

Арапско-израелски војни

Подемот и падот на ирачката воздухопловна моќ

Ирачко-иранска војна (1980-1988)

Крај на ирачката воена доминација

Британците си заминуваат од Ирак

 

Кратко време по завршувањето на Втората Светска војна, вниманието на светската јавност го привлекоа немирите на Блискиот Исток, каде постојаното зголемување на напнатоста помеѓу Арапите и Евреите се закануваше да прерасне во нова војна. Токму тоа и се случи на 15 мај 1948 година, само еден ден откако Евреите го прогласија Израел за независна држава.

 

 Имено, истиот оној ден кога заврши британскиот мандат врз Палестина, малата еврејска држава се соочи со симултан напад од вооружените сили на Египет, Сирија, Трансјордан (подоцна Јордан), Либан и Ирак. За време на оваа војна, кралското ирачко воено воздухопловство во неколку наврати беше вклучено во операции за обезбедување воздушна поддршка на копнените сили на арапските “браќа”. Првата арабско-израелска војна, уште попозната како израелска војна за независност, заврши во 1949 година со триумфална победа на Израел врз своите арапски соседи.

 

Кратко време по завршувањето на арапско-израелскиот конфликт, Велика Британија на кралското ирачко воено

 

Ловец-бомбардер од типот Hawker Sea Fury FB.Mk 1

воздухопловство му испорача 55 ловци-бомбардери од типот Hawker Sea Fury FB.Mk 10. Во 1953 година, следуваше испорака на 12 млазни борбени авиони од типот De Havilland Vampire FB.Mk 52,

 

Британскиот борбен авион De Havilland Venom FB.Mk 50 е еден од првите млазни авиони кои влегоа во служба на Кралското Ирачко Воено Воздухопловство.

(photo: The Complete Book of Fighters)

 а во текот на наредната 1954 година, кралското ирачко воено воздухопловство беше засилено и со 15 борбени авиони од типот De Havilland Venom FB.Mk 50. Но, како и да е, растечкото

незадоволство од британското воено присуство во Ирак ја принуди Велика Британија да се согласи да ги повлече од територијата на Ирак сите свои летала и, во текот на месец Април 1956 година, да му ги предаде на кралското ирачко воено воздухопловство воздухопловните бази Хабанијах и Шаибах.

 

Кратко време по целосното повлекување на британската армија од Ирак, Велика Британија, во текот на 1957 година, му испорача на кралското ирачко воено воздухопловство 16 современи борбени авиони од типот Hawker Hunter F.Mk 6. Дополнително, во текот на првата половина на шеесетите години на минатото столетие, британците го засилија ирачкото воено воздухопловство со повеке од 60 борбени авиони Hawker Hunter F.Mk 59/T.Mk 59, кои пред да му бидат испорачани на Ирак биле оперативни во состав на воените воздухопловства на Белгија и Холандија.

 

Бурен растеж на ирачкото воено воздухопловство

 

Кон крајот на педесетите години на минатото столетие, Ирак започна да ги бележи првите позабележителни успеси на полето на економскиот развој. Но, и покрај тоа, монархијата не успеа да ги придобие симпатиите на широките народни маси, кои својата светла иднина ја гледаа во новата генерација лидери, олицетворени во младите офицери на ирачката армија. Револуционерните сили, предводени од Абд ал-Карим Касим, го зазедоа главниот град Багдад на 14 јули 1958 година и истиот ден извршија егзекуција на најистакнатите членови на кралското семејство, ја укинаа монархијата и прогласија Република.

 

Соодветно на промените кои го зафатија Ирак, военото воздухопловство на оваа арапска земја, веднаш по превратот, од своето име го исфрли зборот “кралско”.
Ирачката револуција се одрази и врз надворешната политика на земјата. Имено, новата влада во Багдад реши за нов заштитник на Ирак да го “назначи” Советскиот Сојуз. Пријателските односи со Советскиот Сојуз резултираа со итна испорака на големи количества оружје и воена техника за вооружените сили на Ирак. Така, само во текот на 1958 и 1959 година, на ирачкото воено воздухопловство му беа испорачани: 15 школско-тренажни авиони Јак-11, 20 борбени авиони МиГ-15бис, 30 млазни двоседи-тренажери МиГ-15УТИ, над 100 борбени авиони МиГ-17Ф, 12 млазни бомбардери Ил-28, 20 транспортни авиони Ан-2 и 13 транспортни авиони од типот Ил-14М. Испораките на големи количества воздухопловна техника од советско производство продолжија и во текот на шеесетите години на минатото столетие, кога на ирачкото воено воздухопловство му беа испорачани: 20 борбени авиони МиГ-17ПФ, 70 борбени авиони МиГ-19С 12 борбени авиони МиГ-21Ф-13, 90 борбени авиони МиГ-21ПФ, над 100 борбени авиони МиГ-21ПФМ, 12 двоседи-тренажери МиГ-21УМ, 50 јуришни авиони Су-7БМК, 8 бомбардери Ту-16К,

 

Поранешниот Советски Сојуз му испорача на Ирак 12 транспортни авиони од типот Ан-12Б. (photo: AirForces Monthly)

12 транспортни авиони Ан-12Б,

8 хеликоптери Ми-1 и 35 хеликоптери од типот Ми-4. Испораките на советско оружје за Ирак значително ја намалија

 зависноста на оваа земја од Велика Британија, која во споменатиот период на ирачкото воено воздухопловство му испорачаа само 20 млазни тренажни авиони BAC.145 и 12 хеликоптери од типот WS-58.

 

Јуришниот авион Су-7БМК остана во служба на Ирачкото Воено Воздухопловство, се до 1996 година. (photo: AirForces Monthly)

 

Но, за разлика од британците, шеесетите години на минатото столетие беа исклучително успешни за француската воздухопловна индустрија, која конечно успеа да се избори за дел од ирачкиот воен буџет. Имено, за потребите на ирачкото воено воздухопловство и на сеуште недоволно развиената авијација на копнената војска, француската воена индустрија произведе 60 лесни повеќенаменски хеликоптери од типот SA 316 Alouete III.
 

Арапско-израелски војни

 

Copyright © Igor Bozinovski

AirSerbia 2003.

Copyright © AirSerbia 2002-2003. All rights reserved.
Slike i tekstovi sa ovog sajta se ne mogu kopirati i koristiti u bilo kom smislu bez dozvole vlasnika.
Photos or any textual material from this site cannot be copied or used in any manner without permission of it's rightful owners.
webmastering & webdesign: Dejan Vukmirovic