почетна страна

РАСТЕЖОТ НА ИРАЧКАТА ВОЗДУХОПЛОВНА МОЌ

Ирачко ВВ 1931-1973

српска верзија

aвтор: Игор Божиновски

 

Создавањето на ирачка држава

Британците си заминуваат од Ирак

Арапско-израелски војни

Подемот и падот на ирачката воздухопловна моќ

Ирачко-иранска војна (1980-1988)

Крај на ирачката воена доминација

Iraq Air Force insignia:

Официјална ознака на Ирачкото Воено Воздухопловство.

 

Создавањето на Ирак

 

На почетокот на 20 век, Арабискиот Полуостров сеуште се наоѓаше под контрола на Отоманската империја, што претставуваше сериозна закана за британските колонијални интереси во регионот на Персискиот залив. Поаѓајки од претпоставките на научниците дека нафтата во изобилство е застапена во регионот на Персискиот Залив, Велика Британија сакаше по секоја цена да си обезбеди позиција на суверен владетел на потенцијалните нафтени богатства на Арабискиот полуостров.

 

Реализацијата на британските блискоисточни колонијални апетити стана сосема реална за време на Првата Светска војна, кога Отоманската империја недвосмислено застана на страната на Германија во глобалната војна против големите колонијални сили Велика Британија и Франција. Ваквиот развој на настаните и овозможи на Велика Британија да започне со реализација на своите колонијалните планови за Арабискиот полуостров. Имено, веднаш по отпочнувањето на Првата Светска војна, британците во регионот на Персискиот залив испратија голем дел од своите сили стационирани во Индија. Британската армија напредуваше кон север и успеа да ги стави под своја контрола турските вилаети Басра и Багдад. Сепак, вилаетот Мосул остана под контрола на Отоманската империја се до 30 октомври 1918 година, кога во пристаништето Моудрос, на грчкиот остров Лемнос, беше потпишано примирје кое го означи крајот на воените дејствија на Блискиот Исток но воедно го означи и крајот на турското владеење со Арабискиот полуостров.

 

Веднаш по завршувањето на Првата Светска војна, британците ги удрија темелите на денешен Ирак на тој начин што извршија спојување на провинциите Мосул, Багдад и Басра во една политичка целина, чие население го чинеа мешани религиозни и етнички групи кои ги населуваа споменатите територии. Само неколку месеци по создавањето на Ирак, британците се соочија со сериозно народно незадоволство предизвикано од нивното присуство во земјата. Изолираните инциденти наскоро добија на интензитет и, во текот на 1920 година, прераснаа во големо народно востание. Големите загуби кои ги претрпе британската армија во обидите да го сопре востанието, ги принудија властите во Лондон да дозволат Ирак да биде прогласен за кралство кое ке остане под силна контрола на Велика Британија. Ваквото владеење со Ирак стана реалност во 1921 година, кога земјата стана кралство на чие чело застана кралот Фаисал.

 

22 април 1931 година

 

Создавањето на ирачката армија, на 6 јануари 1921 година, не значеше и почеток на процесот за создавање на воено воздухопловство како составен дел на ирачките вооружени сили. Имено, поради низа причини, создавањето на кралското ирачко воено воздухопловство беше иницирано дури во 1927 година кога на школување во Велика Британија

 беа испратени 37 ирачки офицери, од кои пет се школуваа за пилоти на авиони додека останатите офицери беа предодредени да станат првите воздухопловни инженери на кралското ирачко воено воздухопловство. По завршувањето на четиригодишното школување во Велика Британија, ирачките пилоти, летајки на двокрилни авиони од типот Gloster Gladiator, се вратија од Ирак, на 22 април 1931 година, каде во нивна чест беше организиран величествен пречек. Во спомен на тој историски настан, 22 април и денес се слави како ден на ирачкото воено воздухопловство.

 

 Во меѓувреме, кралството Ирак сеуште се наоѓаше под цврста контрола на Лондон, кој соочен со растечкиот револт кон британското владеење и барањата за целосна независност на Ирак, беше принуден, во текот на 1929 година, да најави дека Велика Британија планира да му стави крај на специјалниот статус на кралството Ирак и да ги разгледа барањата за целосна независност на оваа земја. Но, и покрај ваквите најави, британците сеуште не беа подготвени во целост да се откажат од своето присуство во Ирак. Затоа, на 30 јуни 1930 година, Велика Британија и кралството Ирак потпишаа договор за воспоставување на таканаречен “близок сојуз”, кој меѓудругото го обврзуваше Ирак да и ги отстапи на Велика Британија на 25 годишно користење воздухопловните бази Хабанијах и Шаибах. Ваквиот договор стапи на сила на 3 октомври 1932 година, истиот оној ден кога Ирак како независна држава стана полноправен член на Лигата на Народите.

 

По осамостојувањето на Ирак, во текот на триесетите години на минатото столетие, кралското ирачко воено воздухопловство беше дополнително засилено со италијански воени авиони, и тоа: четири двомоторни бомбардери од типот Savoia-Marchetti S.M.79B и 25 јуришни авиони од типот Breda Ba.65. Токму со овие летала, во текот на месец мај 1941 година, кралското ирачко воено воздухопловство ја нападна британската воздухопловна база Хабанијах и британскиот гарнизон во Басра. До судир помеѓу ирачката армија и британските трупи стационирани во Ирак дојде откако про-фашистички настроениот ирачки премиер Рашид Али ал-Гајлани се обиде да го раскине “блискиот сојуз” со Велика Британија, и да ја втурне својата земја во прегратките на фашистичка Германија. Дејствијата на кралското ирачко воено воздухопловство против британските сили наидоа на конкретна поддршка од страна на германското и италијанското воено воздухопловство, кои во Ирак испратија 14 авиони од типот Messerschmitt Bf 110D-3

Во текот на 1941 година, авионот Messerschmitt Bf 110D-3 краткотрајно се наоѓаше во служба на Кралското Ирачко Воено Воздухопловство.

(photo: The Encyclopedia of 20th Century Air Warfare)

14 авиони од типот Heinkel He 111H-6 и 11 италијански двокрилни авиони од типот Fiat CR.42. Сите овие летала беа управувани од германски и италијански пилоти и покрај тоа што ги носеа

националните ознаки на кралското ирачко воено воздухопловство. По капитулацијата на ирачката армија, на 31 мај 1941 година, авионите на германското и италијанското воено воздухопловство беа повлечени од Ирак.

 

 

Британците си заминуваат од Ирак

 

 

Copyright © Igor Bozinovski

AirSerbia 2003.

Copyright © AirSerbia 2002-2003. All rights reserved.
Slike i tekstovi sa ovog sajta se ne mogu kopirati i koristiti u bilo kom smislu bez dozvole vlasnika.
Photos or any textual material from this site cannot be copied or used in any manner without permission of it's rightful owners.
webmastering & webdesign: Dejan Vukmirovic